Светот повеќе нема да биде ист
Чекањето заврши – после многу најави и фотографии од маскираните прототипи, Rolls-Royce го претстави својот прв електричен автомобил. Ексклузивниот и култен производител зачекори во новото време во кое светот повеќе нема да биде ист. За моделот наречен Spectre знаеме дека се истакнува како доста луксузен и ветува голема доверливост перформанси. Сето ова е проследено со богата технолошка опрема достојна за марката.
Изгледот му е лесно препознатлив. Дизајнерите својата инспирација ја имаат најдено во високата мода, модернистичката скулптура, светот на наутиката и современата уметност. Предниот дел има поделени оптички групи и благо осветлена широка маска која сега е помазна и порамна бидејќи аеродинамика е клучна. Така новиот Spectre има коефициент на отпор на воздухот од само 0,25. Погледот од страна ја открива суштината на овој модел – има само две врати кои се отвораат наназад. Обиколката на екстериерот ќе покаже и вертикално распоредени задни светла на масивната површина на каросеријата чиј покрив флуидно се спушта.
Во внатрешноста, како што се очекува од Rolls-Royce, брзо ќе се почувствува атмосферата на луксуз. Се среќаваат илјадници осветлени ѕвездички, многу украси, дрво и кожа, но и дигитални технологии. Архитектурата на која е поставен Spectre е алуминиумска, подготвена само за електричен погонски систем. Платформата овозможува интеграција на батериите во структурата под подот, со што се зголемува торзионата крутост и подобрува звучната изолација на кабината. Максималните 585 коњски сили се доволни овој три тона тежок автомобил да забрза до 100 километри на час за 4,5 секунди, додека автономијата се очекува да изнесува 520 километри.
Од Rolls-Royce наведуваат дека развојот на Spectre ќе заврши во вториот квартал 2023 година. Нарачки сепак веќе се примаат. Цената не е прецизирана, но се наведува дека ќе биде меѓу Cullinan и Phantom.