Раководството на Твитер едногласно им препорача на акционерите да ја одобрат предложената продажба на компанијата за 44 милијарди долари на американскиот иноватор Илон Маск, се наведува во документот доставен денеска до американските власти.
Основачот на „Тесла“, на „Спејс Икс“ и најбогатиот човек во светот, на минатонеделниот виртуелен состанок со вработените во Твитер, повтори дека сака да продолжи со аквизицијата, иако акциите на компанијата сè уште се значително пониски од цената што тој ја понуди, што ја доведува во прашање реализацијата на продажбата.
Акциите на Твитер денеска забележаа раст од околу три отсто, на 38,98 долари, што е многу помалку од 54,20 долари по акција што ги понуди Маск. Акциите на компанијата последен пат беа на тоа ниво на 5 април, кога Твитер му понуди на Маск место во одборот, пред тој да понуди да го купи целиот Твитер. (МИА)