Медиумите во Јужна Кореја откриваат интересни детали околу плановите на „Самсунг“ за пуштањето во продажба на смартфонот со дисплеј на преклопување, којшто првпат беше прикажан минатата недела.
Уредот ќе се појави во продажба во март заедно со верзијата на „Галакси Ес10“ со 5Г можности. Се тврди дека промоцијата на „Ес10“ ќе биде во февруари, а „Галакси Еф“ и верзијата на „Галакси Ес10“ со 5Г можности, најверојатно ќе бидат претставени во март. „Галаски Еф“ најверојатно ќе биде прикажан на Конгресот за мобилни телефони во февруари, пред официјалната премиера следниот месец.
Се очекува уредот да има висока цена – стручните лица предвидуваат дека ќе чини околу два милиона вони (1.560 евра), што може значително да ја ограничи продажбата.
Неодамна шефот на бизнисот со мобилни на компанијата, Ди Џеј-ко изјави дека уредот ќе биде на пазарот во првата половина на следната 2019 година и се планираат барем еден милион парчиња. Ова ќе биде само првата серија, а количината ќе се зголеми ако уредот биде добро прифатен на пазарот.