Во време на пораст на социјалните мрежи и апликациите за пораки како што се „Ватс-ап“, „Месинџер“ и „Телеграм“ – СМС-пораките, се чини, се во пад… Но, и по 30 години, сѐ уште не исчезнале како опција на мобилните телефони.
Првата СМС-порака во историјата, пренесена преку операторот „Водафон“ на 3 декември 1992 година, ја добил Ричард Џарвис, вработен во таа компанија, а се состоела од 15 знаци – „Среќен Божиќ“. СМС-концептот потоа ја револуционизира комуникацијата со својата едноставност.
„Тоа е технологија од европско потекло“, нагласи Марк-Антоан Дупуј, син на францускиот инженер Филип Дупуј, кој се смета за еден од пронаоѓачите на ГСМ-мобилната мрежа 2-Г која ја овозможи распространетоста на СМС доцните 90-ти.
Ограничени на 160 знаци, поради што корисниците развија посебен, а понекогаш и криптичен јазик со кратенки, СМС-пораките денес се разменуваат во неограничен број, надградени со фотографии, видеопораки и друга мултимедијална содржина.
– Но, тогаш во Франција, една СМС-порака чинеше еден франк. Тоа е како секоја Твитер-објава денес да чини 15 евроценти, вели Жан-Мишел Хуе, стручњак за телекомуникации во консултантската фирма „Берингпоинт“.
Сепак, употребата на СМС-пораки постојано се намалува. Само во Обединетото Кралство, бројот на испратени СМС-пораки е намален за четирипати последниве 10 години, според британскиот телекомуникациски регулатор „Офком“.
– И СМС-пораките поврзани со плаќањата, познати на јавноста преку телевизиските игри или добротворни настани, исто така имаат потенцијал да се развијат како дигитален канал за мобилни плаќања во земјите во развој, особено во Африка, додаде Хуе.
Во Азија, пак, апликациите „Ви-чет“ (Кина), „Лајн“ (Јапонија) и „Какао-ток“ (Јужна Кореја) се особено застапени.
Сепак, СМС-пораките сѐ уште е на завидно ниво во Нигерија, на пр., најнаселената земја во Африка. Во 2021 година таму се испратени речиси 10 милијарди СМС-пораки – 15 отсто повеќе од една година порано, според извештајот на нигериската Комисија за комуникации. Тука СМС-порака чинела 0,008 евра, додека интернетот – евро за два ГБ. Затоа СМС се исплатливи во земја каде што речиси секој втор жител живее со помалку од два американски долари дневно.