Синоќа во вселенското пристаниште Starbase во Тексас, шефот на американскиот T-Mobile Мајк Сиверт и првиот човек на SpaceX, Елон Маск ја претставија соработката на двете телекомуникациски компании – Starlink и T-Mobile – на проектот „Coverage Above and Beyond“. Како дел од оваа иницијатива, планот е да се донесе покриеност на мобилниот сигнал директно од сателитите Starlink до мобилните телефони од новата генерација, каде што моментално нема копнеен сигнал.
Услугата ќе ги комбинира комуникациските сателити Starlink V2, лоцирани во ниската орбита на Земјата, и копнената мобилна мрежа на T-Mobile за да им овозможи на корисниците да комуницираат низ САД, дури и таму каде што не било можно да се воспостави врска преку базните станици на кој било оператор.
Со технологијата на директно примање сигнали од сателити до мобилни телефони ќе исчезнат зоните без сигнали, соопштено е. Клучната предност е што услугата треба да работи со голем број на постоечки 5G мобилни телефони, компатибилни со спектарот „PCS“ од средниот опсег, кој работи на 1.850 – 1.990 MHz. Првите Starlink сателити компатибилни со оваа технологија ќе бидат лансирани следната година.
Исто така, најавено е дека оваа услуга ќе обезбедува брзини на пренос на податоци меѓу 2 и 4 mbps, а првично ќе обезбедува услуги за SMS, MMS и пораки во рамките на неколку апликации. Телефонирањето и класичниот пристап до Интернет ќе бидат овозможени подоцна. Бета пристапот до тарифата за хибридни копнени и сателитски сигнали ќе биде активиран во САД до крајот на следната година.
Да потсетиме, сателитската интернет-услуга е достапна и во Македонија.