Компанијата „Амазон“ доби дозвола од Федералната авијациона администрација (ФАА) на САД да управува со беспилотни летала за достава, што претставува уште еден важен чекор поблиску до започнување на услугата за достава на пратки преку беспилотни летала, пренесува хрватски „Дневник“.
„Амазон“ направи многу важен чекар кон лансирање на услугата „Прајм ер“, односно, достава на пратки преку беспилотни летала, што во иднина треба дополнително да ја забрза испораката на пратки за предметите купени на „Амазон“.
По долго време, компанијата доби зелено светло за управување со беспилотни летала за достава, а сега кога веќе ги имаат потребните дозволи, можат целосно да се посветат на понатамошно тестирање. Првите тестирања за испорака преку вакви летала започнаа во 2013 година, а дозвола од ФАА побараа минатата година, фокусирајќи се првенствено на достава на мали и лесни пакети во областите каде има мала густина на население.
Во однос на ова, претходно беа спроведени „ригорозни“ тестирања, детални докази за безбедноста на испораката и демонстрација на самата технологија пред инспекторите на ФАА.
Сега, кога ги имаат сите потребни документи, тие ќе можат безбедно и ефикасно да ги испорачуваат пратките до своите клиенти преку беспилотни летала. Се разбира, тоа не значи дека тие веднаш ќе ја стартуваат услугата и дека корисниците на „Прајм ер“ наскоро ќе започнат да ги добиваат своите пратки преку воздух. Нивните беспилотни летала моментално интензивно се тестираат, но потребно е време додека таквите летала не станат вообичаен метод за достава.