вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

Анатомските белешки на Да Винчи на изложба во Шкотска

Анатомските белешки на Да Винчи на изложба во Шкотска

Белешките на Леонардо да Винчи за човековата анатомија останале во голема мера заборавени до средината на 18 век кога на нив наиде шкотскиот анатом Вилијам Хантер. Тие деновиве повторно оживеаја и со нова изложба се открија некои нови подробности околу сѐ тоа.

Новата изложба во Националниот музеј на Шкотска, под наслов „Анатомија: прашање на смрт и живот“, ги носи цртежите заедно со разни предмети и уметнички дела од шкотското Просветителство. Да Винчи, кој во своето време беше многу поуспешен и поиновативен и од некои негови подоцнежни колеги, до одреден степен ги предвиде проблемите со кои ќе се сретнат анатомите и од постренесансните времиња и Просветителството, пишува „Гардијан“.

Некои холандски и шкотски анатоми, на пр., морале да ги вадат телата од ковчези и гробишта. Медицината – „уметноста на одложување на смртта“ е изградена, делумно, и врз темелите на ова „крадење од гробовите“, но своето потекло, тоа го има во ставовите и образложувањата на Да Винчи.

Делата на Леонардо зафаќаат широк опус – од архитектура, преку ликовната уметност, астрономија до визуелизирање на анатомските структури од различни гледишта. Возбудливо е, според многумина – да се биде на ова 500-годишно патување низ еволуцијата на науката за човековото тело, од Ренесансата во Фиренца до современата анатомија во Единбург.

Леонардо да Винчи починал пред да го доврши својот трактат, но овие скици живеат низ времето и секоја линија на нив е трага на мисла и внимание, а меѓу другото, и на испитување на убавината на човекот.