Батериите од морска сол, според научните сознанија, имаат четири пати поголем капацитет од литиумот, објави „Јуроњуз“ (Euronews).
Истражувачите веќе развија батерија направена од натриум-сулфур. Тоа е хемиско соединение што се добива од морска вода. Таквата батерија не само што е поевтина, туку е и поеколошка од постојните литиум-јонски батерии. Одговорниот истражувач Шенглонг Жао од австралиискиот Универзитет на Сиднеј, верува дека оваа батерија може да биде пресвртница во поглед на обновливите извори на енергија. Сепак, според него, има и неколку финансиски препреки за развој на батерии со морска сол.
Со оглед на климатско-еколошките услови, на планетава се зголемува потребата од префрлање на обновливи извори на енергија, како што се ветерот и Сонцето. Сепак, имајќи предвид дека обновливите извори не се толку конзистентни, тука е и потребата од складирање енергија, за што се користат батериите.
Многу батерии кои моментално се достапни се направени од ретки материјали, како што се литиум, јаглен и кобалт. За да може Европската Унија да постигне климатска неутралност, до 2030 година ќе треба да троши 18 пати повеќе литиум, а до 2050 година речиси 60 пати повеќе.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во септември оваа година најави дека ретките метали наскоро ќе бидат исто толку важни како нафтата и гасот. Сепак, и тие имаат своја цена. Ископувањето литиум може да резултира со недостиг на вода, уништување на биолошката разновидност и загадување на почвата. Покрај тоа, пронаоѓањето и обработката се многу скапи. Имајќи предвид дека морската сол е сеприсутна, батеријата од морска сол би можела да биде далеку поисплатлива алтернатива за литиум-јонските батерии.
Што се батерии од морска сол? Тие не се новина „од вчера“, велат научниците. Како концепт постојат 50 години, но не се сметаа за доволно корисни поради кусиот период на употребливост. Сепак, батериите со морска сол што сега се развиваат се различни од своите претходници.
Научниците ги модифицирале електродите за да ја подобрат реактивноста на сулфурот, клучен елемент за капацитетот на складирање енергија. Резултатот е – батерија со „супер-висок капацитет и ултра-долг животен век на собна температура“, објаснуваат истражувачите од Универзитетот во Синдеј.