Италијанскиот производител на спортско-луксузни возила Ferrari минатата година оствари нето добивка од 939 милиони евра, што е за 12,7 отсто повеќе од претходната година и највисока досега. И сходно на тоа и вработените ќе добијат дел од заработката која ќе биде околу 13.500 евра. Тоа е еднакво на 27 просечни македонски плати.
Вработените во Ferrari имаат високи плати, а околу 5.500 работници ќе добијат и бонуси. Висината на бонусот ќе биде за 12,5 отсто поголема во однос на претходната година.
Ferrari продаде 13.221 автомобил во текот на 2022 година, што е сериозен скок од 18,5 проценти во споредба со 2021 година. Што се однесува до годината што започна, веќе има потенцијал да го собори и овој рекорд, бидејќи ќе започнат испораките на долгоочекуваниот модел Purosangua во вториот квартал.
Според првиот човек на Ferrari побарувачката за Purosangue е исклучително висока, над сите очекувања, па поради тоа дури и нарачките се затворени бидејќи веќе има двегодишна листа на чекање.
Компанијата се уште останува во тајност за моделите кои ќе бидат пуштени во продажба во наредните месеци, а еден од нив би можел да биде кабриолет базиран на Roma. Во развој е нов V12 суперавтомобил поставен напред, но не е јасно дали наследникот на 812 ќе дебитира оваа година.
Гледајќи подалеку во иднината, Ferrari е на пат да го претстави својот прв целосно електричен автомобил во 2025 година. Новиот хиперавтомобил што ќе го наследи LaFerrari ќе дебитира во следните три години, а до 2026 година ќе бидат претставени околу 15 нови модели.
Приходите од продажба лани достигнаа 5,09 милијарди евра или 19,3 отсто повеќе од претходната година. До 2026 година се очекува сумата да се зголеми на 6,7 милијарди евра, за што ќе придонесат 15-те нови модели кои Ferrari има намера да ги претстави дотогаш.
Ferrari заработува не само со продажба на автомобили, туку и со продавање на своите мотори на производители на други брендови, како што е Maserati, и со маркетинг на брендот, на пример за производи со нивното лого.