Британскиот авантурист Рос Еџли се обиде да го собори светскиот рекорд во најдолго континуирано пливање, надевајќи се дека ќе успее да преплива 171 километар без престан во Тразименското езеро, инаку најголемото езеро во средна Италија.
Неговиот подвиг започна оваа недела, а се согласи на истиот само 9 месеци по излегување од болница, надевајќи се дека ќе го собори светскиот рекорд по втор пат.
Тоа требаше да биде најдлабокото постојано пливање во езеро без никаква помош од страна, но неговиот обид бил прекинат поради „бруталните услови“ кои предизвикале бројни здравствени проблеми, вклучувајќи и ризик од оштетување на бубрезите.
Авантурата на Еџли била прекината во моментот кога препливал 70 километри, а температурата на водата во некои делови достигнувала 33 степени, додека топлотен бран го зафатил подрачјето. Експертите предвидувале пораст на температурите и до рекордни 48 Целзиусови степени.
Покажал во каква состојба е
Во објава на Инстаграм, Еџли им се заблагодарил на фановите за поддршката, а во пораката 35-годишниот авантурист покажал и како изгледаат неговите раце и нозе, збрчкани до непрепознатливост поради долгиот престој во вода.
„Без оглед на тоа, се обидовме и тимот беше неверојатен, но авантурата беше прекината на околу 70 километри поради топлотен удар и загриженост од дехидрација и оштетување на бубрезите. Одам да одморам и да јадам пица“, напишал Рос на Инстаграм.
Ова не му е прв ваков подвиг
Ова не е прв пат Еџли да се обиде со ваков подвиг. Минатата година тој пливаше во езерото Лох Нес неверојатни 59 часа (или 79 километри) пред да биде повлечен од предизвикот поради медицински причини. Еџли завршил во болница поради хипотермија, откажување на бубрезите и целулитис (бактериска инфекција) предизвикана од осип од костимот за нуркање.
Овој Британец во 2018 година стана првиот човек на светот кој испливал 2860 километри околу Велика Британија, за што му биле потребни околу 6 месеци.