Чизмите, за кои се смета дека припаѓале на францускиот цар Наполеон Бонапарта, вчера се продадени на аукција во Париз за 117.000 евра, соопшти аукциската куќа „Друо“.
Според француските историчари тие чизми Наполеон ги носел за време на егзилот на островот Света Елена, каде почина во 1821 година. По неговата смрт, чизмите ги наследил неговиот пријател од последните денови, маршал Бертран. Тој подоцна ги отстапил чизмите на вајарот Карл Марокети, кој ги користел како модел за скулптурата Наполеон на коњ, наменета за неговиот надгробен споменик.
-Се уште има многу обожаватели на царството на Наполеон, напиша на Твитер аукциската куќа „Друо“ по продажбата на чизмите.
Историчарите истакнуваат дека чизмите одговараат на описот што Наполеон го испраќал на кондураџијата Жак, кој работел во париски Монмартр. (МИА)