На социјалните мрежи за време на пандемијата КОВИД често имаше актуелни шеги, но и сериозни дискусии за тоа колку често треба навистина да се тушира, а некои, останувајќи дома, ги менуваа хигиенските навики, со што го прескокнуваа секојдневниот туш што им се чинеше – непотребен.
Иако прашањето за одржување на хигиената е приватна работа за секој поединец, многумина се уште ги интересира што мислат лекарите за тоа.
– Не треба секој ден да го миете целото тело – изјави за „Well+Good“ дерматологот Рејчел Назаријан, „особено кога не излегувате од дома, не се потите и не доаѓате во контакт со нечистотијата што нормално би сакале да се отстрани“.
Сепак, навиките за туширање се индивидуални и не постои едно правило кое одговара на сите.
– Ако имате здрава кожа, во ред е да се туширате еднаш на секои три дена, но ако вашата кожа, на пример, е сува или сте страдале од егзема во минатото, подобро е брзо да се туширате секој ден за да ја надополните влагата и и да ги убиете микробите – вели д-р Назаријан истакнувајќи дека веднаш потоа треба да ја хидрирате кожата, за да ја задржите влажноста.
„Ако вашата кожа не е сува, можете тоа да го продолжите секој втор ден“.
Според микробиологот и автор на „The Germ Files“, Џејсон Тетро, прескокнувањето на туширање нема да му наштети на вашето здравје, без разлика колку долго не сте биле во контакт со вода.
– Телото може без туш, онолку долго колку што сакате – вели Тетро, но додава дека во тој случај е добро да се мие интимната зона барем на неколку дена, за да се избегне контаминација со фекални бактерии кои водат до уринарниот тракт.
„Се разбира, ако престанете да се туширате, брзо ќе почнете да мирисате поради бактериите кои живеат на кожата“, вели Тетро и објаснува дека, благодарение на комбинацијата на микроби и имунолошкиот функција, нашата кожа „се грижи за себе“ и останува чиста.
– Здравите бактерии кои живеат на нашето тело ги извршуваат најважните процеси и ја одржуваат чистотата на кожата, на која навистина не и треба ништо друго; а потоа од вас зависи дали сакате да се измиете или ќе ги тестирате тие импресивни вештини за самочистење – заклучил тој.