Животниот број се смета за еден од најважните броеви во нумеролошката табла. Тој се формира од датата на раѓање и укажува на можностите, предизвиците и лекциите со кои личноста ќе се сретне во текот на животот. Овој број, исто така, покажува како личноста реагира на различни животни ситуации.
Вториот најважен број, веднаш по животниот, е судбинскиот број. Овој број е составен од буквите во името и ги покажува силните и слабите страни на личноста, како и животната цел.
За да го пресметате животниот број, соберете ги сите цифри од датата на раѓање, така што на крај ќе добиете двоцифрен број, чии цифри повторно ќе треба да ги соберете сè додека не добиете едноцифрен број. Потоа прочитајте што значи вашиот животен број.
Бројот 1 е лидер, одлучен, независен и агресивен. Овој број е примарната сила на универзумот. Ги надминува пречките и прави работите да се случуваат. Јасен и самоуверен, бројот 1 не го избегнува соочувањето, но останува тврдоглав и арогантен.
Бројот 2 е нежен, внимателен и чувствителен. Се смета за мировник. Софистициран е, голем уметник, духовит и со смисла за ритам и музика. Овој број е најинтуитивен од сите. Премногу е емотивен, заради што може да стане и зависен, но затоа е и најпосветен број.
Бројот 3 е друштвен, харизматичен, оптимист и авантурист. Има голема потреба за самоизразување. Поседува магнетизам кој ги привлекува другите и затоа сака да биде во центарот на вниманието. Овој број трага по подлабоки врски и сака да го дознае значењето на животот.
Бројот 4 е силен, стручен и истраен. Најпрактичен е од сите броеви. Поседува висок степен на самодисциплина и контрола, и е познат како работникот меѓу броевите. Конвенционален и ограничен, бројот 4 може да биде цврст и непоколеблив, со силни морални убедувања.
Бројот 5 е паметен и прогресивен. Познат е како голем интелектуалец кој бара различност. Ја цени сопствената слобода и не се плаши да преземе ризици. Промената е константна за непредвидливиот и таинствен број 5.
Бројот 6 се поврзува со негувањето, исцелувањето, заштитата и наставата. Тој е бројот-чувар, познат уште како мајчински број. Има силно чувство на мир и правда. Бројот 6 е единствениот број кој секогаш е во хармонија со сите други броеви.
Бројот 7 е поврзан со спиритуалноста и е познат како бројот кој постојано е во потрага. Интроспективен е и укажува на голем мислител кој не се занимава со материјалните работи. Интуицијата и имагинацијата се неговите најмоќни карактеристики.
Бројот 8 е авторитетен, ориентиран кон бизнисот и успехот. Има потенцијал да биде доста просперитетен. Реалист е и поседува моќ за добро расудување. Кога се работи за пари, бројот 8 може да биде многу дарежлив, но и многу алчен и незадоволен.
Бројот 9 има голема самосвест и е многу симпатичен. Најголем хуманитарец е меѓу броевите. Толерантен е и нема предрасуди. Верува во човечкиот род и сочувствителен е кон сите. Бројот 9 е интуитивен, суптилен и по малку мистериозен.