Љубовта се заснова на доверба. Така велат сите што веруваат во љубов. Сепак, се чини дека еден Кинез, кој во локалните медиуми е претставен само под презимето Џоу, не верува во оваа изрека. Цели две години успеал да сокрие од сопругата дека добил на лотарија.
Добитните бројки му ја збогатиле сметката за 1,36 милиони евра или околу 10 милиони јуани.
Откако г-ѓа Џоу дознала за тоа, побарала развод, а судот во Венџоу во источната кинеска провинција Жеџијанг на 1 февруари пресудил дека Џоу мора да и плати отштета од повеќе милиони на својата сопруга, пренесува CdM.
За време на судењето било кажано дека мажот и префрлил два милиони јуани на својата постара сестра веднаш штом парите легнале на неговата сметка, а неколку дена подоцна подигнал 700 илјади јуани за да и помогне на поранешната сопруга да купи стан.
Судот се согласил со мислењето дека парите што Џоу ги префрлил на неговата сестра и поранешната сопруга се дел од заедничкиот имот, па сопругата успеала да се избори за 60 отсто од тој дел од добивката.
Ниту една од страните не поднела жалба, а медиумите не наведуваат зошто сопругот решил да крие од својата „драга“ дека се збогатил, објави „Хангжу дејли“.