Машиновозач на метро во Прага им дозволи на две учеснички во едно натпреварување под негова контрола да го преземат управувањето на патничкиот воз, а Управата за транспорт во чешката престолнина инцидентот го нарече неприфатлив.
Како дел од натпреварувањето „Лоу кост рејс“, во кое двочлени тимови со ограничен буџет патуваат низ Европа, двете жени добиле задача да возат нешто невообичаено.
На видео снимката, објавена на сајтот на организаторот на натпреварувањето, се гледа како една од учесничките управува со возот од подземната железница, а машиновозач и дава инструкции што да прави.
Од Управата за транспорт на Прага наведуваат дека станува збор за сериозно кршење на протоколот за работа, но дека безбедноста на патниците не била загрозена.
Од компанијата, која го организира натпреварувањето, соопштија дека не ги охрабриле двете жени на таков чекор.
Случајот го истражува и чешката полиција.