Амстердам планира изградба на тн. „еротски комплекс” составен од клубови, театри и други објекти посветени на сексот или хотел за проститутките – сè тоа во рамки на преуредувањето на познатата Улица на црвените фенери.
Хотелот за проституција со затворени прозорци или еротски центар се најверојатни опции, според градскиот совет на холандскиот главен град, чии планови се објавени вчера.
„Тие опции имаат најмногу предности и најмалку недостатоци”, соопштуваат градските челници.
Градоначалничката Фемке Халсема покрена чистење на Црвените фенери, којашто сепак, привлекува голем број туристи. Но, тие честопати се пијани, дрски, па понекогаш и насилни кон сексуалните работнички, сметаат властите.
Халсема рече и дека е загрижена поради порастот на тајна проституција околу тој надалеку прочуен дел на холандската престолнина.
Последниве месеци градот организирал разговори со сексуалните работници, сопствениците на зградите и други лица засегнати со проституција, за да се чујат и нивните мислења.