Компанијата Фејсбук денеска соопшти дека ги разгледува импликациите од одлуката на Европскиот суд за правда, со која договорот меѓу ЕУ и САД за пренос на податоци е прогласен за неважечки, бидејќи, според Судот, приватноста на граѓаните од земјите на Унијата со тој акт не е доволно заштитена.
Со судската одлука всушност се укинува привилегираниот пристап, кој со нивните лични податоци го имале американските компании, но и разузнавачките служби на САД.
Претставничката на Фејсбук за правни работи, Ева Нејгл изјави дека компанијата внимателно ги разгледува наодите изнесени во судската одлука и нејзините импликации, кога станува збор за тој договор, наречен „Штит на приватноста“, но очекува и упатства од регулаторните органи.
– Ќе обезбедиме нашите огласувачи, клиенти и партнери да можат да продолжат да ги користат услугите на Фејсбук, а притоа нивните податоци да останат безбедни и заштитени, истакна Нејгл. (МИА)