Посетителите на Лондон летово ќе може без придружба да уживаат во градините на домот на британската кралица Елизабета Втора… Па, дури ќе можат и да прават излети таму, пренесуваат британските медиуми.
Досега во градините на Бакингемската палата се дозволуваа само организирани посети. Оваа година, до септември, за билет од 16,50 британски фунти, туристите ќе можат да шетаат и сами во паркот.
– За жал, не бевме во можност да ги отвориме салите на палатата за посетителите, како и обично, сега поради ситуацијата со новиот коронавирус. Но, затоа е одлично што, наместо тоа, може да ја отвориме градината, рече Сали Гудсер од фондацијата што управува со кралските палати.
Кралицата традиционално организира три приеми во градината на палатата, но тие лани и годинава не се одржуваат, поради корона-пандемијата.
Властите минатиот месец соопштија дека кралските финансии биле сериозно оштетени за време на пандемијата поради загубата на милиони фунти од продажба на билетите. Палатата, меѓу другото, е подложена на десетгодишното реновирање, за 369 милиони фунти. За време на пандемијата, додека кралицата беше во замокот Виндзор вон Лондон, поправките беа забрзани.