Британската кралска пошта денеска го објави дизајнот на новите поштенски марки на кои ќе биде ликот на кралот Чарлс Трети, но ќе биде прикажан без круна или какви било други кралски обележја.
Според Би-Би-Си, дизајнот на новата марка го одобрил лично кралот.
– Информациите што ги добивме од палатата беа дека кралот сакал сè да изгледа едноставно. Се работи за слика на човек, без украсување, изјави генералниот директор на поштата Дејвид Голд.
Дизајнот на новата марка е поминималистички од порано, а за разлика од многу претходни марки со монарси кои содржат круни, или дијадеми во случајот со кралици, на новата нема да има никакви монархистички симболи.
По изглед ќе потсетува на профилот на кралицата Елизабета Втора кој го направи уметникот Арнолд Мачин во 1967 година.
– Во последните години имавме ист монарх, а од 1967 година ги имаме речиси истите поштенски марки, рече Голд, додавајќи дека луѓето сега ќе се навикнат да ја гледаат новата слика на марките од прва и втора класа.
Британските поштенски марки се единствени по тоа што не го покажуваат името на државата, а новите поштенски марки немаат ништо друго освен главата на кралот, цена и според најновиот дизајн, приложен баркод, пренесува британскиот јавен сервис.
Кралот Чарлс со ова станува седмиот монарх што се појавува на поштенски марки. Прва беше кралицата Викторија, чија слика се појави на поштенски марки во 1840 година.