Пред 16 години, на 24 август 2006 година Меѓународното здружение на астрономи донесе одлука дека Плутон не е планета како што била категоризирана во 1930 година кога била откриена, што значи дека Сончевиот систем нема девет, туку има осум планети.
Според одлуката на 2.500 астрономи од 75 земји, собрани на конференција во Прага, по жестоките расправии било договорено дека Плутон припаѓа на категоријата џуџести или минорни планети.
Плутон е составен примарно од карпи и мраз. Тој е релативно мал – неговата маса е околу 5 пати помала од таа на нашата Месечина и има 3 пати помал волумен од неа. Пречникот на Плутон е 2.274 км.
По големината, Плутон е помал од седум месечини кои кружат околу други планети во Сончевиот Систем: (Месечината, Јо, Европа, Ганимед, Калипсо, Титан и Тритон).
Тој орбитира на просечна оддалеченост од 5.913.520.000 км (39,5 ае) од Сонцето. Времето потребно за да го заобиколи Сонцето (или должината на неговата планетарна година) изнесува 248,54 Земјини години. Плутон околу својата оска се завртува за 6,39 Земјини денови.
Плутон има три месечини: Харон (откриен во 1978 година), со кој често се сметаат заедно како двоен планетарен систем, бидејќи кружат еден околу друг и уште три помали месечини: Никта и Хидра (откриени во 2005) и S/2012 P 1 (откриен во 2012).
Температурата на површината на Плутон варира помеѓу -235 и -210 °С.
Малку е познато за атмосферата на Плутон, но веројатно се состои најмногу од азот со малку јаглерод диоксид и метан. Таа е екстремно ретка – притисокот на површината е само неколку микробари.