Неодамна откриената комета C/2022 E3 ќе се приближи до Сонцето во наредните недели за прв пат по 50.000 години и можеби да биде видлива со голо око кон крајот на јануари.
Мала комета составена од карпи и мраз, со пречник од околу 1 км, беше откриена во март 2022 година од програмата Zwicky Transient Facility (ZTF) со помош на телескопот Samuel-Oschin во опсерваторијата Паломар во Калифорнија. Откриена е додека ја минувал орбитата на Јупитер, а сега се движи кон Сонцето и ќе го достигне својот перихел, најблиската точка до Сонцето, на 12. јануари, според пресметките на астрономите.
Кога кометата се приближува до Сонцето, мразот во неговото јадро се топи и се претвора во долг превез од прашина што ја рефлектира сончевата светлина. Тој блескав превез треба да биде видлив од Земјата.
Кометата ќе свети најсилно „кога е најблиску до Земјата“, вели Томас Принс, професор по физика на Калифорнискиот институт за технологија, кој работи за програмата ZTF.
Изгледот сепак ќе биде помалку спектакуларен од преминот на кометата Hale-Bopp во 1997 година или Neowise во 2020 година, кои се многу поголеми. Набљудувањето ќе биде можно со добар телескоп, а можеби и со голо око во дел од ноќта, доколку нема премногу месечева светлина.
Најдобрата шанса се очекува да биде викендот на 21. и 22. јануари и неделата потоа. Во овој период, кометата ќе помине помеѓу Малата и Големата Мечка пред да потоне во јужната хемисфера.
Последен пат ледениот посетител бил толку блиску до Сонцето, според пресметките на астрономите, пред околу 50.000 години. Нејзиното неизбежно пристигнување ќе биде можност за научниците подобро да го разберат составот на кометата, особено благодарение на вселенскиот телескоп Џејмс Веб.