Одгледувачите на кучиња во Европа по смртта на британската кралица Елизабета Втора очекуваат зголемен интерес за кучињата корги кои со децении беа нејзини миленици.
Како што пренесува Би-Би-Си, побарувачката за корги или „кралските кучиња“ како уште ги викат, била особено изразена во 1936 година кога кралицата како девојче на подарок го добила првото куче од оваа раса, а следното за нејзиниот 18-ти роденден.
Според статиката на Клубот на одгледувачи на кучиња, бројот на регистрирани корги бележи скок тие години.
-Одгледувачите имаат проблем да одговорат на побарувањата за оваа раса која одеднаш стана многу популарна, изјавила Кјара Фарел, директорка на библиотеката и збирката од Клубот.
Побарувачката за овие кучиња за околу 30 проценти се зголемила и по емитувањето на серијата „Круна“, чија тема е токму животот на кралицата и дворецот.
Во Европа оваа раса на кучиња чини во просек околу 5.000 евра.