петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

Откриен нов потенцијално опасен астероид

Откриен нов потенцијално опасен астероид

Меѓународен тим астрономи објави дека е откриен голем астероид чиешто движење ја пресекува Земјината Орбита. Ова значи мала можност за катастрофален судир, во подалечната иднина.

Астероидот широк 1,5 км. е наречен „2022 АП-7“. Тој е забележан заедно со два други НЕО-астероиди со помош на високотехнолошкиот телескоп „Виктор М. Бланко“ во Чиле. Околу 30.000 астероиди од разни големини се означени како „објекти блиску до Земјата“ (НЕО-а). Ниту еден од нив не е закана за Земјата следните 100 години. Новите сознанија се објавени во научното списание „Астрономикал журнал“ (The Astronomical Journal).

– Телото „2022 АП-7“ преминува низ орбитата на Земјата, што го прави можно опасен астероид, но во мигов или во иднина нема таква траекторија што би предизвикала тоа да се судри со Земјата, изјави астрономот Скот Шеферд од Институтот за наука „Карнеги“ од САД.

Можната закана доаѓа од фактот дека, како и секое вселенско тело коешто орбитира, неговото движење ќе се менува поради бројни гравитациони сили. Затоа, предвидувањата се тешки.

Новооткриениот астероид е „најголемото тело, потенцијално опасно за Земјата, откриено последниве осум години“, според истражувачката група „НОИРЛаб“.

– Но, во случај на удар, астероид со оваа големина би имал разорно влијание врз животот каков што го знаеме. Прашината крената во воздухот ќе има голем ефект на ладење, предизвикувајќи изумирање што не е видено на Земјата со милиони години, истакна Шеферд.

Останатите два астероиди не претставуваат закана за Земјата, но едниот е најблискиот досега откриен астероид до Сонцето.