четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

Отворен новиот музеј на Фидел Кастро на Куба (ФОТО)

Отворен новиот музеј на Фидел Кастро на Куба (ФОТО)

Покрај трошните згради, и каде што корењата на дрвјата го пробиваат тротоарот, една од најголемите вили во Хавана е обновена во сјајна убавина во името на најконтроверзниот „син на Куба“.

Центарот „Фидел Кастро Руз“ беше отворен овој викенд, три години по почетокот на опремувањето и пет години по смртта на поранешниот кубански лидер.

Новиот музеј во Хавана, кој го слави поранешниот лидер на државата, беше отворен во екот на кубанската економска криза. Во музејот има говорница каде Фидел ги држел своите познати говори.

На свеченоста присуствуваа и венецуелскиот лидер Николас Мадуро и братот на Фидел – Раул, кој има 90 години. Тој го поздрави отворањето на музејот, нарекувајќи го „највозбудливото нешто“ што некогаш го видел во животот.

Отворањето на музејот доаѓа во време кога Куба се бори да застане на нозе поради пандемијата и лошата економска ситуација, предизвикана од лошото раководство и 60-годишното ембарго на САД.

Два блока подалеку, секој ден се прават редици луѓе кои купуваат храна. На прашање на новинарите, Ханет Хернандез рече дека не слушнала за новиот музеј, но дека чекала два часа за да купи намирници.

-Фидел не би го дозволил ова!, рече таа.

Центарот има театар со 190 седишта и простор за изложби. Во градината има и фонтана со карпи донесени од Рио Ла Плата – река чиј извор е во планините каде што Фидел ја направил својата прва воена станица во 1958 година како водач на бунтовничките сили.

Делот наменет за растенија има дарови од пријателски земји, како што е Венецуела. Просториите нудат презентации за Фидел со Хуго Чавез, со поетот Роберт Фернандез Ратамар и големиот обновител на престолнината Хавана – Еузебиус Леал.

По погребот на Фидел, инаку, Раул Кастро изјави дека нема да се подигаат статуи за неговиот брат, бидејќи „водачот на револуцијата жестоко се противеше на култот кон личноста“, како што рече тој.

Новиот, очигледно добро финансиран музеј е во спротивност на другите стари културни објекти во Куба. Музејот на револуцијата, на пр., сместен во старата Претседателска палата, се реновира со години, при што е постигнат мал напредок.

-Сега можеме да сонуваме!, рече еден куратор, кој сакаше да остане неименуван затоа што не сакаше да зборува за медиумите. (МИА)