Њујорк и Сингапур го делат првото место на врвот на листата на најскапи градови во светот во 2022 година, а минатогодишниот лидер Тел Авив сега е на третото место.
Њујорк и Сингапур се на врвот на листата пред се поради удвојувањето на цените на енергијата во големите градови, па така Москва и Санкт Петербург напредуваа за 88 места, пренесува британски „Гардијан“.
Зајакнувањето на валутата е еден од факторите што влијаеше на скокот на градовите на листата, па така шест од осумте најголеми скокови забележаа американските градови предводени од Атланта, бидејќи американскиот долар нагло зајакна во однос на речиси сите светски валути.
Од друга страна, на листата паднаа и градовите во земјите каде што валутите забележаа пад, а Токио и Осака од 13-то и 10-то место во 2021 година паднаа на 37-мо и 43-то.
„Гардијан“ објави дека Стокхолм и Луксембург забележале најголем пад на листата, а Дамаск во Сирија и Триполи во Либија се на дното на листата од 172 градови вклучени во истражувањето.
„Доколку војната во Украина не ескалира, предвидуваме дека цените на храната, енергијата и суровините како што се металите најверојатно нагло ќе паднат во 2023 година во споредба со тековната година, што може да предизвика пад на трошоците за живот во градовите“, се наведува во истражувањето.