Аукциската куќа „Кристи“ во мај ќе понуди на продажба едно од ретките дела на Микеланџело од приватна колекција. Се работи за цртеж претставен 2019 година, рано дело на ренесансниот италијански уметник, за кое се очекува да достигне цена од 30 милиони евра.
Стручњаците велат дека цртежот бил продаден 1907 година во Париз, како дело за коешто се верува дека потекнува од школата на Микеланџело. Тоа беше во голема мера заборавено до 2019., кога познавач од „Кристи“ го препозна како дело на Микеланџело.
Се верува дека раниот цртеж на уметникот потекнува од крајот на 15. век. Прикажан е човекот од фреската „Крштевањето на неофитот Петар“, која во мигов се наоѓа во капелата во црквата Санта Марија дел Кармин во Фиренца, Италија.
– Мислам дека овој цртеж е едно од највозбудливите откритија од сегментот на цртежи на стари мајстори, по долго време. Тоа покажува револуционерен аспект на делата на Микеланџело – приказ на човечко тело кое подоцна стана важно во неговите скулптури. А, мислам на Дејвид, но и многу од ликовите што ги насликал во Сикстинската капела, истакна Стијн Алстенс, раководител на меѓународниот оддел за цртежи на стари мајстори во „Кристи“ во Велика Британија.
Цртежот беше прогласен за француско национално богатство. Поради тоа е оневозможено да се продаде во странство, но француската Влада неодамна ја отстрани таа ознака, како што објави „Кристи“.
Цртежот е изложен во Хонг Конг и Њујорк пред наддавањето на 18 мај во Париз.