Црвената електрична гитара „Гибсон“ од 1960 година, користена од Ноел Галагер, некогашната ѕвезда на бендот „Оазис“, којашто фронтменот на бендот – неговиот брат Лијам, ја скршил 2009 година, вечерта кога бендот се распаднал, е продадена на аукција во Париз за 300.000 евра.
Медиумите пишуваат дека Лијам во бес ја скршил гитарата на брат му, на фестивал во француската престолнина, непосредно пред групата да се качи на сцената. Музичките стручњаци и аукциската куќа истакнуваат дека тоа бил еден од „култните мигови“ во историјата на рок-музиката.
Подоцна инструментот бил поправен од француски производител на виолини и гитари.
Англискиот пејач, текстописец и музичар потврди дека брат му му ја скршил гитарата. Ноел бил особено приврзан за овој инструмент, бидејќи на неа искомпонирал бројни текстови и мелодии.
„Оваа ‘Гибсонка 355’, сериски број А34884 од 1960 година, е гитарата што Лијам Галагер ја скрши во Париз во 2009 година, ноќта на распадот на ‘Оејзис’. Тоа беше мојата омилена гитара на која составив многу песни”, напишал Ноел Галагер во белешка што оди со гитарата.
Рок-бендот ‘Оејзис’ е основан во Манчестер, Англија, 1991 година, а својот врв на славата го достигна истото десетлетие со хитови како „Don’t Look Back In Anger” и „Wonderwall“. Но, неславните кавги на браќата Галагер резултираа со распад на групата. Меѓусебната нетрпеливост кулминира на фестивалот „Рок ен Сена во Париз“, по што Ноел ја напушти групата.