недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

Тројански астероид би можел да остане во орбитата на Земјата 4.000 години, широк е околу 1,2 километри

Тројански астероид би можел да остане во орбитата на Земјата 4.000 години, широк е околу 1,2 километри

Астероид откриен во орбитата на Земјата, широк 1,2 километри, би можел да остане во орбитата на нашата планета уште најмалку 4.000 години но не претставува никаква опасност, објавија шпанските научници.

Користејќи податоци од телескопите во Чиле, Аризона и Канарските острови, научниците го дадоа досега најопсежниот опис на астероидот наречен 2020 XL5 кој првпат беше откриен пред две години. Потврдиле дека тоа е еден од само двата од ткн тројански астеориди кои патуваат како сопатници на Земјата.

Тројанските астероиди може да бидат талкачи во Сончевиот систем, како што се чини дека е случајот со овој, или претставуваат материјал кој останал од формирање на нивната матична планета. Тие остануваат заробени од планетарните гравитациски сили и потоа кружат околу Сонцето по иста патека како и таа планета.

Се чини дека ова е астериод од C-типот, што е еден од најчестите видови во Сончевиот систем, според научникот Тони Сантана-Рос од Универзитетот Аликанте и Институтот за вселенски науки при Универзитетот во Барселона, главниот автор на студијата објавена во списанието Nature Communications.

Овие астероиди се со темна боја и содржат многу јаглерод, покрај карпи и минерали.

– 2020 XL5 не претставува закана за Земјата. Очекувам дека ќе остане во својата моментална стабилна орбита најмалку следните 4.000 години, вели научникот и коавторот на студијат Сезар Брисено од американската Национална фондација за наука NOIRLab.

Тој е на оддалеченост од Земјата која варира од 90 милиони до 270 милиони километри.

Астероидот зазема една од петте ткн Лагрангеови точки, позиција во Вселената каде што објектите тежнеат да останат на местото. Тие пет места овозможуваат стабилни орбити поради конкурентските гравитациски сили на Земјата и на Сонцето. Овој астероид се наоѓа на онаа позиција којашто се нарекува L4 точка.

Единствен друг тројански астероид забележан околу Земјата, откриен пред 12 години, исто така во L4 точката, неречен е 2010 TK7 и помал е со дијаметар од околу 400 метри. Исто така, се смета дека е заробен од гравитацијата на Земјатра додека „талкал“ низ Сончевиот систем.

Астероидот 2020 XL5, првпат откриен во декември 2020 година со помош на телескопот на Хаваи, можеби бил заробен од гравитациската сила на Земјата пред околу 500 до 1.000 години, вели Сантана-Рос.

Многу тројански астероиди го населуваат нашиот Сончев систем, а најголемата планета Јупитер ги има речиси 10.000, вели Сантана-Рос. Тројански астероиди, исто така, се откриени околу Нептун – 28, Марс – четири, Уран – два и Венера – еден.

Американската агенција за вселенски истражувања NASA ланскиот октомври ја лансираше вселенската сонда наречена „Lucy“ за да ги истражи.

– Јупитер е гигант во секоја смисла, па и во смисла на масата. Ја исчистил својата околина од други објекти и собрал илјадници објекти на своите точки L4 и L5. Земјата има поделикатно опкружување, со блиските гравитациски конкуренти како Венера, Марс, па дури и Месечината/ Затоа гравитациската непостојаност на 2020 XL5 на крајот ќе му овозможи на овој астероид да побегне од точката на стабилност L4, според Сантана-Рос.

Научникот вели и дека би можело да има уште тројански астероиди околу Земјата, коишто допрва треба да бидат откриени. Двете Лагренгеови точки во коишто би можеле да постојат – L4 и L5, тешко се набљудуваат од Земајта.

– Секој астероид кој кружи околу овие точки ќе биде видлив само во текот на кус временски период квечерина, на многу ниски височини над хоризонтот. Ако своите најголеми телескопи ги насочиме ниско над хорзонтот близу самрак, сигурен сум дека ќе најдеме уште изненадувања, додава Сантана-Рос.