Шпанија ќе стане првата западна земја што ќе нуди слободни денови за жените кои имаат болен менструален циклус. Жените што работат ќе може да земат најмногу три слободни дена месечно доколку имаат болки.
Се очекува шпанската Влада да ја одобри новата мерка следната недела. Ваква мерка веќе постои во Јапонија, Јужна Кореја, Индонезија и во Замбија.
Во рамките на реформите најавени во Шпанија, училиштата ќе мора да обезбедат влошки за ученичките и слободни денови за абортус. Ќе биде отстранет и данокот на влошките и тампоните, кои ќе им се делат бесплатно на жени од маргинализирани групи.
Државната секретарка за еднаквост и против родово насилство, Анџела Родригез, открила дека новите мерки имаат цел да го подобрат менструалното и репродуктивно здравје на жените во земјата.
– Правата поврзани со менструалното здравје никогаш не биле дискутирани, а податоците се застрашувачки. Секоја четврта жена не може да ги купи хигиенските производи поради финансиски причини. Затоа предлагаме тие да се делат бесплатно во едукативните и социјални центри – изјавила Родригез.
Слободните денови за менструален циклус се за жени што имаат силни болки, главоболки и температура, според Родригез.