четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

Жабите комуницираат меѓу себе со својата сина светлина

Жабите комуницираат меѓу себе со својата сина светлина

Жабите комуницираат со единките на својот вид со помош на испуштање сина светлина, потврди науката. Истражувањето опфатило повеќе од 500 жаби, а спроведено е во Јужна Америка од тим научници предводен од биологот Кортни Вичер од Универзитетот на Талахаси, Флорида, САД,

– Биофлуоресценцијата кај жабите првпат беше откриена 2017 година, по што истражувачите тестираа повеќе водоземци за да го потврдат феноменот и да го истражат поподробно… Примероците што ги проучувавме главно емитираа сина светлина, а во одредени случаи и виолетова, изјави д-р Кортни Вичер, една од истражувачките.

Од март до мај лани, истражувачите фатиле 528 единки во Бразил, Колумбија, Еквадор и Перу, а потоа ја измериле светлината на жабите. Така, заклучокот, како што пренесува „Сајенс њус“ (Science News), гласи дека секој од 151-те тестирани видови жаби има одреден степен на флуоресценција, којшто се движи од два до над 90 отсто, што е исклучително силна емисија на светлина. Исто така, научниците дошле до сознание дека оваа способност им овозможува на жабите да комуницираат со припадниците од својот вид.

Појавата наречена биофлуоресценција е апсорпција на светлина на одредена бранова должина, односно боја, по што таа се емитува на друга бранова должина, но со помал интензитет. Овој феномен не е резервиран само за жабите, туку и за други животински видови, како што се верверичките, но и за осите и други инсекти.

– Објавеното истражување за биофлуоресценцијата кај жабите може да укаже дека животните го доживуваат визуелниот свет на поинаков начин од луѓето, додаде д-р Џенифер Ламб од Универзитетот на Сент Клауд, Минесота, САД.

Жабите отсекогаш биле предмет на истражување на научниците, а последниве години многу од видовите се загрозени, бидејќи се истребуваат или ловат за храна ширум Земјата. Одредени примероци на тн. голема зелена жаба, кои потекнуваат од Северна Америка, достигнуваат должина од над 20 сантиметри и важат за едни од најголемите на планетата.