четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Стаменковска: Централен регистар со заобиколување на законите, вдомува партиски активисти

Стаменковска: Централен регистар со заобиколување на законите, вдомува партиски активисти

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, вчера на партиска прес-конференција го обвини Централниот регистар, дека надвор од закон распишува огласи за вработување, скокајќи го Законот за административни службеници со Колективен договор.

Таа денеска со став за КУРИР го  појаснува целиот случај.

Очигледно е дека на незаконско работење се подложни сите функционерите на СДСМ кое што зема сериозни размери, па и директорот на Централен Регистар продолжува во таа насока, вели Стаменковска.

Имено, согласно  член 7-а од Законот за централен регистар, вработените во Централниот регистар кои вршат административни работи имаат статус на административни службеници и за истите се применуваат одредбите од Законот за административни службеници.  Во членот  1, 2 и 3 од Законот за вработените во јавниот сектор прецизно е уредено видовите на вработувања, кои се работодавци и вработени во јавниот сектор, и дека одредбите од овој закон се применуваат за вработените во јавен сектор, додека по исклучок се применуваат одредбите од посебните закони, доколку со овој закон се упатува на нив. Во глава VII од Законот за административни службеници, во целост е уредена постапката за вработување на административни службеници, изјави Стаменковска за КУРИР.

Таа вели дека би сакала да му посочи на директорката на Централниот регистар дека Правилникот за систематизација на работните места во Централен регистар на Република Македонија, кој е целосно усогласен со Законот за административни службеници и каде вработени се опишани како административни службеници освен помошно-техничките лица.

Таа прашува дали е вистина дека директорката на Централниот регистар си донела Колективен договор во кој имплементирала одредби со кои си дозволува вработувања согласно Закон за работни односи? Таа посочува дека за истото не добила соодветен одговор што индицира дека истото е точно.

Срамно и недолично е да се лажат македонските граѓани, но уште поголем срам е за Управниот одбор и Владата која дозволува да бидат именувани вакви кадри.  Дали воопшто постојат одговорни луѓе во Владата на Република Македонија кои ги загрижува ваквото беззаконие или нивната цел е целосно урнисување на институциите без оглед на последиците од ваквото самоволие, запрашува  Стаменковска.

Таа посочува дека во нормална држава, најпогодени од овој скандал би биле Министерството за информатичко општество и Државен управен инспекторат. Во нормална држава Директорот на Централен регистар ќе си поднесе оставка додека ОЈО веднаш ќе отпочне постапка за утврдување на кривична одговорност.  Граѓаните и даночните обврзници имаат право да дознаат како се трошат нивните пари, заклучува Стаменковска.

Според неа она што е симптоматично е што Централниот регистар не ги почитува законските одредби и членот 7-а од Законот за централен регистар каде што јасно стои дека вработените во Централниот регистар кои вршат административни работи имаат статус на административни службеници и за истите се применуваат одредбите од Законот за административни службеници.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати обвинува за партиско вдомување во државните институции, како и во локалните самоуправи каде градоначалниците се од СДСМ.

 

Најнови вести