петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

M-НАВ се предомисли, остануваат во своите канцеларии, договорот за кирија пропадна

M-НАВ се предомисли, остануваат во своите канцеларии, договорот за кирија пропадна

Точно е тоа дека државното акционерско друштво М-НАВ планираше преселба во нови канцеларии, но сепак, Управниот одбор на друштвото одлучи да остане во сопствените постоечки канцеларии, ни испратија денеска соопштение од оваа државна компанија, по вчерашниот текст на МКД.мк за невообичаениот план на директорот да ја пресели цела компанија од сопствените канцеларии во центарот на Скопје во ТЦ „Мавровка“.

Во денешното појаснување од М-НАВ велат дека за дополнителните нововработени ќе се бара друго решение. А нивното претходно појаснување за причините за преселбата беше дека просторот станува сѐ потесен затоа што имало нови 31 вработување, а процесот на работата на Секторот за финансиски, правни работи, развој и инвестиции на М-НАВ не дозволувал работење во различни објекти.

Уште една причина за преселбата, според М-НАВ, било и тоа што зградата немала технички прием. Како ли сега ќе продолжат да работат во зграда без технички прием? Тука ќе мора да интервенираат и инспекторите на трудот.

Она што сепак останува нејасно во целиот овој невообичаен план на извршниот директор Миѓен Салмани, е лесното откажување од проектот за преселба за што биле обезбедени и пари во финансискиот план за 2019 година. Прашања за ова, до сите надлежни институции (Влада, Министерството за транспорт и М-НАВ) испративме уште на 6 ноември, а потврден одговор добивме на 14 ноември. Од М-НАВ потврдија дека се селат, дека имаат пари за тоа, но не кажаа за колку пари и од кого го изнајмуваат просторот во ТЦ „Мавровка“.

Во меѓувреме преселбата веќе почнала, минатата недела М-НАВ веќе почнал делумно да функционира во новите канцеларии. Вчера, на 18 ноември, го објавивме текстот, а денеска од М-НАВ нѐ информираа дека Управниот одбор реши да си останат во сопствените канцеларии, да не плаќаат кирија и дека ќе се снајдат за нововработените. Враќањето назад е во тек.

Од М-НАВ и натаму ни ја должат информацијата за тоа кој бил новиот сопственик на просторот во ТЦ „Мавровка“, за должината на договорот и за планираната наемнина.

Најнови вести