Посебна комисија ќе оди од врата на врата кај домаќинствата кои се исклучени од системот за парно греење во Скопје за да утврди дали тие станови добивале топлинска енергија според предвидениот квалитет или не, пренесува Сител.
„Ќе се формира комисија која што, колку и да се тие станови, ќе ги посети и ќе се утврди кај тие потрошувачи дали реално добивале топлинска енергија со пропишаниот квалитет, односно дали температурата во становите им била како што е пропишано, а со цел овие потрошувачи ако реално не добивале услуга сметаме дека нема причина да плаќаат за потрошена топлинска енергија”, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Регулаторна смета и дека за овие случаи ќе биде добро да се постават и калориметри за да се има една јасна слика колку топлинска енергија добиваат и дали воопшто добиваат затоплување од системот кој им влегува во станот, но не продолжува кај соседите. За да биде донесена одлука за калориметри ќе треба да се има економска исплатливост, вели Беслимовски.
Регулаторна очекува до крајот на годинава да се усвои новиот правилник за топлинска енергија. Помош ќе побара и од академиците.