Македонија и годинава, по трет пат, нема да има своја претставничка на изборот за „Мис на свет” кој утре ќе се одржи на островот Санија, во Кина.
-Причината поради која немаме наша претставничка на најпрестижниот избор за убавина, традиционално се финансиите. Сопственичката на лиценцата, Лидија Велковска, во повеќе наврати изминативе години појаснуваше дека немањето на доволно финансиски средства, за да се учествува достоинствено на изборот, се причина да не испратиме наша претставничка, пренесува Фокус.
Скапите тоалети, авионските билети, рекламните материјали и останатите трошоци околу целата организација, најчесто беа наведени како причина поради која Македонија не може да си дозволи учество на „Мис на свет”.
Велковска, која е поранешна Мис на Југославија и во 1975 година на изборот „Мис на светот“ во Лондон го освои четвртото место, во претходно интервју раскажа дека и е потребна финансиска помош, а ниту една државна институција не и излегла во пресрет, со цел да ја промовираме нашата убавина според сите стандарди, пренесе Фокус.
Македонија ја имаше својата последна претставничка на Мис на свет во 2015 година, моделот Емилија Розман, која Велковска ја испрати на настанот по свој избор.