четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

КУРИР ТЕМА: Студентите среде зима се бањаат со ладна вода, јадат мувлосан леб, директорот Дарио Николовски се луксузира во Загреб (ВИДЕО)

КУРИР ТЕМА: Студентите среде зима се бањаат со ладна вода, јадат мувлосан леб, директорот Дарио Николовски се луксузира во Загреб (ВИДЕО)

Речиси секоја година скромната и елементарна новогодишната желба на студентите сместени во студентските државни домови во Скопје никако да се оствари.

Министерството за образование и наука наместо мајка е маќеа на студентите, додека директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски е нем на повиците на студентите и медиумите за нечовечките услови за живот во студентските домови.

КУРИР на иницијатива на студентите од повеќе студентски домови замина на терен за да ги слушне проблемите на студентите, но и побара одговор од директорот кој до овој момент на нашите прашања „Што се презема за решавање на проблемите на студентите во сите студентски домови во Скопје?“, нема никаков одговор.

Студентите од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје кои ги снимивме минатата недела се пожалија за немањето на топлата вода во домот речиси повеќе од седум дена и капењето со ладна вода, а како што не информираа денеска тие повторно се оставени без топла вода.

-Проблемот во студентскиот дом Гоце е тоа дека немаме топла вода веќе од септември, во А блок никако, претходно одевме да се бањаме во Б блок, но и таму нема. Цело време се жалиме до управникот и директорот, зборат дека проблемот е решен. Ни кажаа дека пумпата е извадена и дека треба да стаса новата, ама тоа ни го кажуваат веќе подолго време, така да вода нема и се бањаме со ладна вода. И додека другите уживаат ние се разболуваме и очекуваат од нас да плаќаме хранарина и станарина, а немаме услови тука. Они се одговорни, вели студентка која е сместена токму во домот.

Друг студент кој исто така е дел од студентскиот дом Гоце Делчев вели дека откако се бањаат со ладна вода се шегуваат дека се подготвуваат за Водици и се надеваат дека некој од студентите ќе го фати крстот бидејќи има веќе искуство да се бања во ладна вода.

-Храната е многу минимална, не е доволна за да се најадеш, лифтовите кога- како работат, секој дом има проблеми, но да не навлегуваме во нивните проблеми, ние да ги решиме нашите проблеми, вели студентот.

Третиот наш сведок пак вели дека тие се обратиле и до Министерството за образование и наука, но од таму не добиле никаков одговор, тие напротив не ни кревале на телефон за да им се пожалат на некого или пак директно на министерот или директорот.

-Проблемите не се само со топлата вода, а топлата вода е нешто што најмногу ни е потребно во моментов, водата е кочан ладна и нема никакво греење на бојлерите. Проблем е и мензата, исхраната е намалена и има само еден вид на храна.

Студентите едногласно на нашето прашање дали се плашат  и дали добиваат закани тие велат дека не смее да се пожалат никаде, бидејќи претходните студенти кои што се бунеле за проблемите биле избркани од домовите каде и да се пожалиле јавно.

Во меѓувреме минатата недела добивме и одговор од студентите, но и од Државниот студентски центар дека проблемот е решен.

Но, денеска студентите повторно се обратија до редакцијата на КУРИР каде ни кажаа дека топла вода повторно нема веќе три, четири дена во блокот А од шести кат нагоре, додека од шести кат надоле нема топла вода веќе еден ден.

Освен овој проблем, студентите се соочуваат и со лошата храна во домот која честопати знае да биде иста три пати во денот, а неодамна јаделе и мувлосан леб.

Сликата речиси да е иста и во студентските домови „Кузман Јосифовски- Питу“ и „Стив Наумов“.

Неодамна до редакцијата на КУРИР пристигнаа фотографии од нечовечките услови за живот во двата дома, особено во тоалетите од каде како што тврдат студентите се шират и заразни болести.

Но, сепак директорот Дарио Николовски живее во розов свет и ги заборава ветувањата од страна на СДСМ наменети за студентите, па така тој наместо да се фати за работа дома, посетува студентски домови во Загреб.

Освен тоа студентите се гневни на тоа што тој преку социјалните мрежи покажува луксузен живот додека тие живеат надвор од сите стандарди кои што ги поседуваат студентите низ светот.

СДСМ ВО Јануари 2017 година инаку ветуваше се и сешто за студентите…

Студентски град во Скопје, нови студентски домови на државните универзитети во другите градови, подобрување на условите во кои живеат студентите, промени на образовниот систем и создавање отворени можности за вработување се мерките што ги предвидуваме за да ги мотивираме младите луѓе да останат да живеат и да работат во Македонија, порача денеска СДСМ.

Од партијата потсетуваат на мерките од нејзината предизборна програма „План за живот“, за кои велат дека може да ги оствари само нова одговорна влада, посочувајќи дека на последните избори младите луѓе гласале за промени.

„Новите студентски домови и кампуси ќе го олеснат животот на студентите. Ќе влијаат на мотивацијата во учењето и на креирањето на сопствената иднина. Да не се повтори 500 студенти, како оваа студена зима, од студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, 10 дена, на поларен студ да се без греење, без топла вода и без струја. Да живеат во мувла, да влегуваат во руинирани тоалети, да јадат во кујни полни со лебарки. Досегашната власт 10 години го газеше достоинството на младите луѓе. Затоа студентите и младите луѓе на овие избори гласаа за промени. Тие знаат дека во „Планот за живот“, освен модерен, светски, достоиствен студенстки живот, ќе имаат и други олеснувања“, се вели во соопштението на СДСМ до јавноста.

Партијата ветува и студентска платежна картичка за попусти за услугите во кампусите, при посета на државни и национални културни институции, како и на спортски и културни настани од национален карактер.

Но, иако поборниците на СДСМ за правата на студените во минатото ја обвинуваа владата на ВМРО-ДПМНЕ, откако се на власт речиси и да не мрднале со прст за идните генерации студенти на Македонија.

Најнови вести