Сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица Заева, со личен пример го најавува укинувањето на Законот за забрана за пушење. Фотографијата е направена во струмички ресторан, пренесува порталот Денешен.мк.
Инаку, во член 3 од законот кој се уште е на сила, се забранува пушењето во јавните простории од членот 2 на овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично), исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со тенди, чадори и слично, а кој странично е заграден (дискоклубови на отворен простор, тераси, летни бавчи и слично).
Во објектите во кои се сместуваат гости, може да се определат соби за сместување за пушачи, но најмногу до 30% од вкупниот капацитет на објектот.
Во јавните простории од членот 2 на овој закон и во собите за сместување на непушачи во објектите од ставот 2 на овој член одговорното лице на правното лице ќе истакне знак за забрана на пушењето и ќе обезбеди контрола на забраната на пушењето.
Во член 9 се вели дека глоба во износ од 2.000 до 4.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако постапи спротивно на членовите 3, 4, 5, 5-а, 6 и 7 од овој закон.
За прекршокот од ставот 1 на овој член на одговорното лице во правното лице, ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.
-Глоба во износ од 150 до 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице ако пуши во просторија каде што е забрането пушењето (член 2). За прекршокот од ставот 1 на овој член глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече на физичко лице и на самото место на прекршокот, стои во член 10.
Ќе биде ли дозволено пушење на летните тераси – законот во собраниска процедура?
Со два гласа против и четири воздржани, измените на законот за пушење пред две недели не добија зелено светло од собраниската комисија за здравство, сепак конечната одлука ќе ја имаат пратениците на пленарна седница. Против гласаа претседателката на комсијата Мирсада Емини Асани и лидерот на ЛДП Горан Милевски, кој образложи дека измените биле контрадикторни, а спорно за него било и тоа што законот се носел по скратена постапка. Милевски најави дека на собраниската седница пратениците од неговата партија ќе гласаат по сопствено убедување.
„Она со што не се согласувам е со причините. Имено предлагачите укажуваатдека со тоа што се забрани пушењето во деловнитеобјекти се влошила економската состојба во Македонија. Ако поради забранатаза пушење во деловните објекти е влошена економијата уште од утре да направиме целосна слобода и Македонија да доживее препород. Јас не се согласувам ваков значаен закон да се носи по скратена постапка, бидејќи ги таргетира сите граѓани во Македонија“, вели Горан Милевски.
Јагода Шахпаска од СДСМ пак истакна дека иако како лекар должност и е да се бори против зависности, јавните расправи кои се воделе за законот и ги расчистиле дилемите во врска со предложените измени.
„Како лекар јас немам дилема, ако ова законско решение не навлегува директно во правото на пушење затоа што се однесува на отворени простории, меѓутоа како граѓанин и претставник на моето гласачко тело ја имав таа мала дилема која јавната расправа мене ми јарасчисти. Изјаснувањето на пленарната седница, секој согласно своето убедување ќе се изјасдни дали е за или против ова законско решение“, вели Јагода Шахпаска.
Според сегашнитие законски норми, во бавчите на кафулињата и рестораните е дозволено пушење само кога објектот нема кров или е отворен од најмалку три страни, но кога се затворени со најлон, во просторот не смее да се пуши. Целта на предложените измени од СДСМ и ДУИ е бришење токму на тој став од законот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителскте објекти. Инаку, за време на празниците, во голем број од кафулињата и кафеаните низ Скопје ретко каде се почитуваше и Законот за забрана за пушење, што пак наиде на бурни реакции во јавноста.