Загаденоста на воздухот во државава секојдневно станува се покатастрофална. Нивото на канцерогени ПМ 10 честички оди и до 14 пати над максимум дозволената граница, а Скопје вечерва е на второ место во светот според загаденоста.
Мерните станици во главниот град мерат ПМ 10 честички над 700 микрограми на метар кубен. Во Ѓорче Петров, мерната станица во 21 часот покажуваше 705 mg/m3, што е 14 пати над дозволеното.
Кај Ректорат мерната станица покажува 560 микрограм на метар кубен, таа во Центар 409, додека таа во Карпош 471.
Загаденоста на воздухот е иста и во внатрешноста на државата, имено во Кичево загаденоста изнесува 303 микрограм на метар кубен, во Струмица 566.
Според „Ер вижуал“, специјализираната интернет-страница за следење на квалитетот на воздухот, Скопје вечерва е на второ место во светот според загаденоста. На оваа страница рангирањето се врши според збирните податоци од мерните станици поставени во светските градови кои се соочуваат со лош квалитет на воздухот.
Граѓаните го изразуваа својот револт кон власта, велејќи дека иако нејзините претставници ветуваа почист воздух откако ќе ја преземат власта, две години потоа нема ништо од ветеното, а загаденоста е дури и поголема.