Информацијата за нови вработувања во ЈСП предизвика лавина реакции, особено од ова претпријатие од каде ескпресно стигна реакција и појаснување за бројот на лица кои ќе бидат вработени, како и за начинот како ќе се избираат кандидати по етничка застапеност.
-Во ЈСП Скопје годинава нема да се вработат 233 лица по етнички клуч, ниту пак, во Секторот за поддршка на директорот, односно во одделот за односи со јавност и меѓународна соработка ќе се вработат 10 извршители, ниту до крајов на годинава бројот на вработени ќе достигне 1.478, ниту се најавени 30 заминувања од работа.Согласно Годишниот план за вработување за 2019 година, ЈСП Скопје има планирано 170 нови вработувања. Согласно балансерот за распределба на вработувања на правична застапеност, предвидено е од планираните 170 лица, 116 да бидат Македонци, 32 Албанци, 11 Роми, 6 Срби, 1 Бошњак и 4 други. За 2019 година се планирани 60 пензионирања, а во Сектор за поддршка на директор предвидено е вработување само за Раководител на сектор за кој од буџетот на ЈСП Скопје се планира десет месеци од 2019 година да се обезбедат средства за тоа работно место односно вработувањето да се реализира во февруари месец, се наведува во реакцијата на ЈСП.
Но, јавното претпријатие под капата на Град Скопје, со овој демант излезе дури откако јавноста бурно реагираше по најавите дека ќе има нови 233 вработувања.
Сепак, со цел на нашите читатели да им ја пренесеме вистината, а не само неоснованиот демант на ЈСП, КУРИР ви пренесува документација од официјалниот Годишен план за вработување на ЈСП за 2019-та година.
Како што можете да погледнете, ЈСП во својот план за вработување, имаат најавено 233 вработувања. Најголемиот дел од нив, 133 лица, треба да бидат Албанци, 39 Роми, 16 Македонци, 15 Турци, 14 други, 12 Бошњаци и 4 Власи.
Сега, ЈСП нека одговорат пред јавноста кога ја зборувале вистината, а кога ги лажат граѓаните: Во својот план за вработување или по реакциите на граѓаните?
Мега скандал- Шилегов и СДСМ прават голема изборна измама со вработување на 700 партиски војници
Мега скандал е што во изборна година Градот Скопје и Петре Шилегов носат планови за вработување на над 700 партиски војници во само две јавни претпријатија, истакна вчера Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој откри дека не само во ЈСП, туку и во другите јавни претпријатија се случува истото.
Според Арсовски, со ова, Петре Шилегов и СДСМ прават голема изборна измама со вработување на 700 партиски војници.
-Заев, Шилегов и СДСМ дека правеа цела кампања дека администрацијата била пренатрупана од страна на минатата власт. Кога лажеа, тогаш кога ја уверуваа јавноста дека има превработеност или сега кога прават планови за 700 нови вработувања, а само 60-тина луѓе ќе одат во пензија. Дали Заев и Шилегов со планот за 700 нови партиски вработувања прават вовед во еден изборен фалсификат на следните претседателските избори? Како ќе се има доверба во кредибилноста на изборниот процес кога се корумпираат гласови со планови за 700 нови вработувања. Ова уште еднаш докажува дека СДСМ нема намера да реализира ниту еден проект, туку нив само ги интересира криминал. Ова е огромен скандал на кој што очекуваме одговори уште веднаш, порача Арсовски.