понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ФОТО: Македонско знаме заврши во контејнер

ФОТО: Македонско знаме заврши во контејнер

Државно знаме во контејнер. Фотографијате е снимена во Карпош 4 денеска попладне. Како македонското знаме се нашло во контејнер и кој го фрлил не е јасно, пренесува Телма Телевизија.

Инаку знамето како државен симбол е заштитено од злоупотреби, исмејувања и уништување и со кривичен законик и со прекршочни одредби од законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија.

Кривичниот законик забранува подбивање со државното знаме и за тоа во членот 178 е предвидена парична казна. До пред 2013-та година за фрлање и уништување на знамето имаше построга затворска казна до три години.

Кривичен законик: Повреда на угледот на Република Македонија

Член 178

Тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со парична казна (порано казната била затворска од три месеци до три години).

Парична казна ќе плати и секој кој што додава или доцртува нешто на знамето, кине делови, погрешно го користи или неправилно се однесува кон државното знаме. Паричните казни според законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија се движат од 500 до 5 илјади евра.

Нема информација колку судовите пресудиле казни согласно овие законски решенија иако имаше чести случаи кога знамето се гази или пали особено на спортски натпревари.

Деновиве и Црна Гора, последнопримената 29-та по ред земја членка на НАТО подготвува измени на законот, но таму оделе и со детали во кои се наведува дека не смее знамето да се користи како завеса на прозорец или како черге пред врата. Казната за таков „патриотизам“ по црногорско е 2.000 евра.

Често палење на знаме на определена држава се толкува како протест против политиката на таа држава (најчесто на тој начин страдаше американското знаме во државите на блискиот Исток).

Пред да се укине затворската казна за „играње“ со знамето, правниците во работната група на Министерството за правда расправаа дали треба да се казнува протестирање кон државните политики изразени преку (зло)употреба на знамето како и употреба на знамето во уметнички цели. Едно од прашањата тогаш беше што доколку девојка на плажа носи бикини со мотиви на македонско знаме, дали тоа значи подбивање со знамето, уметничка употреба или комерцијална употреба (и ова е казниво доколку се работи без довола од државата).

На крај беше одлучено да се замени затворската со парична казна, но без детали како што сега прават во Црна Гора.

Најнови вести