Македонија е завиена во црно. Веста за страшната сообраќајна незгода која одекна вчера попладне, нѐ погоди сите, а најмногу семејствата на настраданите лица. Не постои начин да се намали болката, нема како да се надомести загубата. Нема зборови што ќе бидат доволна утеха за прераната загуба на чедото, на мајката, на братот… Нема сила што ќе го врати времето. Нема начин да се надомести изгубеното и да се почне од почеток.
За жал, сообраќајот повторно се покажа кобен. Првичен шок и неверување, но наскоро информациите станаа официјални. Овој пат, судбината си поигра со најмалку 14 човечки животи кои прерано згаснаа како последица на тешката сообраќајна незгода што се случи вчеравечер на автопатот Скопје-Тетово.
Во овие тешки мигови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата изразува сочувство до семејствата, роднините и пријателите на загинатите и на повредените лица во сообраќајнaта незгода.
„Длабоко сме погодени и тажни од шокантниот настан. Се молиме за душите на загинатите лица, а на повредените им посакуваме побрзо оздравување“.
Во овој тежок момент, покрај болката за големиот број загубени човечки животи и големиот број повредени лица, да извлечеме поука, ваквите немили настани да не се повторат никогаш!