Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат рочишта за „Маџар телеком“, „Трезор“, „Монструм“ и „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство.
Судењето за „Маџар телеком“ почна во 2011 година, а од неодамна случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Случајот го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска од СЈО.
На денешното рочиште треба да бидат сослушани сведоците Слободан Богоевски и Борче Давитковски.
За злоупотреба на службената положба се обвинети генералниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, финансискиот директор, Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус, кои беа осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ и Буџетот на Македонија, бидејќи Владата била акционер.
Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.
Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.
Случајот „Монструм“, кој се однесува за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, го води судијата Огнен Ставрев и се наоѓа во доказна постапка.
На минатото рочиште јавноста беше исклучена бидејќи се презентираа докази обезбедени со посебни истражни мерки.
За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
На обвинителна клупа денеска, исто така, треба да седнат и обвинетите во предметот „Транспортер“.
Поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица во овој случај се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра. (МИА)