Уште еднаш се покажа дека програмата и ветувањата што ги даваше Заев во предизборната кампања во 2016-та година се само уште еден политички памфлет. Заев во тој период се расфрлаше речиси со секаков вид на ветувања. Ветуваше брз економски развој, вработувања, повисоки плати, пензии, субвенции и што уште не, но сепак реалноста е сосема поинаква.
Се со цел да го “стимулира“ вработувањата на повозрасна група на граѓани, Заев во предизборието вети субвенции од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата во период од 12 месеци за компаниите кои ќе вработат невработени лица на возраст до 50 години, a на оние фирми кои ќе вработат лица постари од 50 години, државна помош од 9.000 денари за исплатена месечна бруто плата, во период од 18 месеци.
Потврда на ваквото ветување има на страна 208 и на страна 209 од памфлетот наречен “План за живот“. Да биде поапсурдно ова ветување СДСМ и Заев го ставиле во поглавјето “Итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“. За потсетување, Заев и СДСМ се на власт речиси 8 месеци.
Како потврда на ваквата лага на СДСМ е новиот “План за економски раст“. Во него се предвидува дека секоја онаа компанија која ќе вработи нови луѓе и ќе им даде нето плата повисока од 300 евра, државата ќе ѝ помогне во поврат на средствата во износ од 60 евра и тоа е тоа. Но тука никаде не е спомнато дека ќе има субвенции за оваа специфична категорија на луѓе, на возраст до и над 50 години.
Од вака приложеното се доаѓа до заклучок дека Заев и СДСМ ги изиграа граѓаните на Македонија посебно оние кои имаа каква-таква надеж дека ќе најдат било какво вработување.
Познато е дека компаниите во Македонија се потешко се одлучуваат да вработат лица кои се отприлика на оваа возраст и дека само со субвенционирање компаниите на некој начин ќе се охрабрат да ја вработат оваа категорија на граѓани.