четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Градоначалниците секој ден не бомбардираат со ветувања дека ќе почнат да ги реализираат ветувањата

Градоначалниците секој ден не бомбардираат со ветувања дека ќе почнат да ги реализираат ветувањата

Изгледа гo знаат само зборот „ќе“…

За Скопје веќе може да се каже дека е футуристички град. Не, не дека е напреден и потсетува на иднината, туку заради вокабуларот на неговите градоначалници. Тие цело време најавуваат само проекти за иднината. Последниве две години речиси целосно и исклучиво и Шилегов и неговите општински колеги зборуваат во – идно време. „Ќе направам ова, ќе направам она“…

Едноставно, тие како да се во периодот на кампањата за локалните избори, а проблемот е во тоа што од тогаш поминаа 24 месеци. Уште поедноставно кажано: во Скопје скоро ништо не се гради, ама затоа пак има многу најави дека „ќе“ се гради. Најавите се најчесто за истите работи кои биле ветени и претходно. Па така, граѓаните пак добиваат куп ветувања дека ќе бидат исполнети ветувањата.
Зошто е така?

-Сите градоначалници, па и нашиот во Аеродром, Златко Марин, пред изборите ветуваа брда и планини, а сега гледаме дека се работи за ноторна лага. Ветеното како да го фрлија во корпа за отпад. По изборите слабо работат, живеат лагоден живот, а власта си ја користат лично. Ветеното е заборавено, на работа како да и не помислуваат, ни рече Верче Николова од Аеродром.

За ова најдобро може да се суди според она што било ветувано и што досега е направено. „Ќе направам тунел под Кале, гасификација, ќе ги продолжам „Илинденска“ и „Љубљанска“ со мостови на Вардар, ќе направам спуштена крстосница кај „Мавровка“, ќе направам кружен тек во Сарај, ќе ја доградиме канализацијата, ќе го исчистиме воздухот, ќе направиме зелени згради, Луна-парк, во езерото Треска ќе се бањаат скопјани, ќе ја обновиме Универзалната сала, ќе направам централен комунален сервис… се главните ветувања кои ги слушаа и се уште ги слушаат скопјани од страна на градоначалникот Петре Шилегов. Во меѓувреме добија уште ветувања кои тогаш не биле ветени. „Ќе направам и трамвај, ќе направам мост кај Ќерамидница, железнички прстен, ќе направам адреналинска жичница од Кале до Градскиот парк…“, објави тој пред повеќе месеци. Но не започна ништо од ова. Се прават, практично, само булевар „Босна и Херцеговина“, вториот дел од булеварот „Х.Т. Карпош“ и сега околу 900-те метри од вториот дел од булеварот „АСНОМ“.

-Воопшто не оди добро и брзо со проектите. Напротив, се оди бавно и се прават периферни проекти. Не знам што чека градоначалникот Шилегов. Речиси нема направено улица во овие две години. Не се решаваат проблеми во сообраќајот со велосипедски патеки. Крајно е време да почнат да се градат капитални објекти, смета скопјанецот Боре Неделковски.

Нема дилеми дека кога ќе дојде ред да се прават некои од овие објекти, ако тоа и воопшто се случи, пак ќе се држат конференции за печат на кои што ќе се најавува дека „ќе се гради ова и она…“. А потоа, како и за тунелот под Кале, може да пропадне тендер, па да мора пак да се распишува и пак да се најавува… Слично на ова се и објектите кои во идно време се градат по општините. Минатиот месец од општина Карпош пак дојде најава дека ќе се гради спортско-адреналински парк во близина на вливот на реката Лепенец во Вардар.

-Адреналинскиот парк ќе го опфати потегот кај вештачката карпа, која ќе биде реконструирана, како и скејт паркот. Ќе има и фудбалско и одбојкарско игралиште на песок, зип – лајн и детски парк, најави неодамна градоначалникот Стефан Богоев.

Тоа е ново повторување на ветувањето во ситуација кога граѓаните се уште чекаат голем дом за сместување на стари лица, три базени, бесплатни часови за основци за странски јазици, уредување на левата страна на Вардар… и кои никако да почнат да се прават.

Во Кисела Вода уште се чека и најавува дека ќе биде завршен кружниот тек кај поранешната крајна автобуска постојка на „24-ка“. На секои десетина дена се збори дека „ќе се најде“ новата локација за Центарот за зависници.

Градоначалникот Филип Темелковски лани изјави дека првата година „ќе помине во анализи и правење проекти, а во наредните три ќе покажеме колку сме различни“. Тука, инаку, се уште се чека на ветената поликлиника, гасификација, енергетски фасади, нова општинска зграда, катна гаража… И во Аеродром „ќе се прават“ – гимназија, гасификација, домови за стари лица, паркинзи… „Ќе биде…“ се слуша и во Бутел за поликлиниката, спортски комплекс, во Гази Баба за новиот базен, за ново училиште, поликлиника во Автокоманда, гасификација.

-Сите политичари лажат само за да дојдат до фотеља и власт. И тоа не донесе до оваа дереџе. Само не се тие виновни туку народот е виновен што им верува 30 години. Овој народ, очигледно, тешко памети и брзо заборава, потенцира скопјанецот Златко Стојановски.

Дали нешто ќе се смени во наредниот период? Односно, наместо во идно време градонашалниците да зборуваат во сегашно. Скопјани не сакаат футуристичко Скопје кое егзистира само во ветувањата на Шилегов и компанија…

Лаги спакувани во нови ветувања

Пред секои избори скопјани упатуваат пораки со кои од градоначалниците бараат да не им даваат лажни ветувања за она што планираат да го направат.

-Сакам јасно да ми кажат што можат, а што не можат да направат. Вака, се се сведува на давање многубројни ветувања, напишани програми, рокови… а на крајот ништо од тоа. Дел од лагите им препознаваме, но и тие напредуваат во лажењето па даваат се поинакви ветувања. Но резултатот пак е ист – тие нема ништо да направат, а ние пак сме излажани, вели Јован Р. од општина Центар.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО