26 годишната Калина Велевска, член на планинарскиот клуб ,,Трансверзалец“, прерано го заврши својот млад живот на врвовите на Кајмакчалан…таа вчера целосно им се предаде на планините…
Калина Велевска, по пад во бездна, загина на Кајмакчалан заедно со уште еден вљубеник во планинините 35 годишен маж, Александар Миновски.
Калина и самата беше дел од екипата и сведок на драмата која се случи при нивното патешествие одејќи кон Титов Врв на Шара во 2016 година, кога дел од нејзините другари го грееа со своите тела 17 годишното момче кое падна во бездна, додека да дојдат спасувачите.
Калина Велевска тогаш напиша:
,,Планината не прави среќни, ни ги трга секојдневните грижи, прави да се чувствуваме убаво, ни буди најубави емоции.Сепак, не смееме да заборавиме на нејзината моќ, на нејзината големина и никако не смееме да и водиме инает“…напиша таа по повод овој немил настан. Што од сето ова се случи вчера на Кајмакчалан, знаат само Калина и нејзиниот сопатник на патот кон бесконечноста.
Калина Велевска, во својот кус, но исполнет со бројни доживувања и авантури живот, ќе остане запаметена по својата нескротлива природа и љубов кон природата и планините. Своите доживувања ги бележеше во серија написи ,,Од дневникот на една планинарка“. Нека почива во мир.
Клепа
Кога во четвртокот на состанокот со ,,Трансверзалец” разбрав дека за акцијата на Клепа се пријавени преку 200 луѓе од голем број градови од Македонија, знаев дека тоа е единственото место каде што ќе одам во недела. Бев многу среќна, еден месец паузирав од планините и бескрајно ми недостасуваа и во саботата како по шаблон се спакував и си легнав рано, со доза возбуда за тоа што не чека утредента. Седнав во автобусот во 6 часот наутро и веднаш заспав.
Кога се разбудив, имав што да видам. Ние последни стигнавме, а во селото Сирково веќе се пристигнати нашите пријатели од ,,Бистра”и ,,Кораб”, тука се и планинарите од Велес, Кавадарци, Неготино, Валандово, Гевгелија, Прилеп, Куманово и нека не ми замери некој ако го изоставив [?] Сепак, и покрај големиот број луѓе, највпечатлив беше пречекот кој ни го приредија жителите на Сирково, предводени од нашиот пријател и планинар Веле Коцев. На две големи маси имаше оставено храна и освежување, а две девојчиња облечени во носии делеа лепче и кисело млеко. Сите бевме позитивно изненадени и овој гест навистина ни се допадна, па со убава мисла и најадени и напиени тргнавме натаму по патот.
Времето не ветуваше многу, беше облачно и со голема веројатност да заврне, иако сите потајно се надевавме на сонце. Одев со секој по малку, да се видам со моите другари и другарки, па патот неосетно го поминував. На едно место Зоки ни кажа да застанеме и да засадиме дрвца, па среќа успеав и јас да земам и засадам едно, на што многу се израдував и си го обележав со три камења за наредниот пат кога ќе одам на ова место да видам колку пораснало ,,моето” дрвце.
Ете го и сонцето почнува да излегува, денот се разведрува, ние стасуваме до село Подлес каде од големата чешма полниме вода. Забораваме на уморот и калта насобрана на нашите чевли и одиме кон вештачкото Подлешко Езеро (Марио подоцна ми кажува дека езерото е формирано од потокот Марјаница и уште неколку помали поточиња). Долу има видиковци и местото е навистина убаво, но ние имаме уште одење до целта и не можеме да си дозволиме подолга пауза од неколку направени фотографии.
Во далечината веќе се наѕираше врвот на планината, па со брз чекор започнавме да се искачуваме по тие прекрасни предели каде вирее жолто цвеќе и има разгранети дрва, а небото над нас, сино и чисто уште толку ни ја даваше силата што ни беше потребна. Скршнав кратко од патеката и тргнав по друга, нешто што редовно го правам за да ја истражам дополнително околината, а по мене тргна мојот нов другар планинар Петар, со кого заедно си баравме и наоѓавме други траектории на движење (со постојан поглед кон остатокот од групата и врвот, со цел да не се изгубиме). ,,Ајде уште малку. Ене го кај е. За десетина минути сме горе,” одевме и си зборувавме со Петар, а кога конечно се качивме на Клепа (1.150 метри), беше првиот со кој сe ракував и си честитав.
Горе беше идилично. Седнавме да одмориме и да се освежиме, уживајќи во силното сонце над нас. Сите бевме весели и расположени и коментиравме дека Клепа иако ниска, не е врв за потценување. [?] Во околината се гледаа другите планински врвови и масиви и имавме прекрасен поглед. Го спомнавме Перо Стрела кој не напушти минатиот викенд на Антени на Шар Планина и другите другари кои прерано си заминаа. Заклучокот од тие муабети секогаш е еден – да се шета, ужива и истражува додека се може, тоа е единствената работа што го забавува стареењето и му дава вистинска смисла на животот.
Се симнувавме надолу од другата страна на планината, па одејќи забележав рушевини и знаев дека на ова место порано имало живот, иако сега имаше само неколку објекти во фаза на распаѓање. Подоцна, Ѓоре Јовановски ми кажа дека ова е селото Двориште и дека: ,,С.Виничани подоле и с.Водоврати исто така подоле во “рамното” биле претежно турски села со ниви и имоти, а с.Двориште православно,угоре во планината претежно сточарство и работа во туѓина и одамна иселено,додека с.Виничани во пеесетите со турскиот закон за сите муслимани од Македонија да можат да се преселат во Турција се иселуваат и се населуваат Македонци од Кривопаланечките села и селата околу Калиманско езеро,додека с.Водоврати и многу други села се населуваат Бошњаци за да добијат документи за резиденти од Р.Македонија и заминат за Турција,но Турците го укинуваат законот и тие остануваат во Македонија…останатото е историја.”
Одејќи по патот, започна и да роси, па така турата ја поминавме низ неколку годишни времиња, што и не е невообичаена појава кога си на планина. Забележавме табла св.Архангел Михаил, а во далечината и манастирот, за кој знаевме дека е последната точка на акцијата. А таму, повторно прекрасен пречек како на почетокот. Мојот другар Драган Миленков од Велес уште еднаш не увери во своите кулинарски способности и ни спреми прекрасно гравче, заедно со останатите луѓе од манастирот кои беа дојдени да помогнат. Луѓето беа насмеани и ведри, и весело ни тураа јадење и по некоја чашка вино за оние што сакаа. ,,Колку малку е потребно за среќа”, си помислив.
Седевме тука во дворот на манастирот, на ова прекрасно место, средувајќи впечатоци од турата и зборувајќи за некои изминати тури и правејќи планови за идните. Ова беше уште еден ден поминат со топлина и полно срце, драги луѓе со кои поделив збор, насмевка, прегратка. Благодарност до сите кои учествуваа во организацијата на настанот, за сите планинарски друштва кои ни се приклучија, за сите добронамерници за убавиот пречек во Сирково, Подлес и Горно и Долно Чичево, за луѓето од св.Архангел Михаил и моите ,,Трансверзалец” и Марио Шаревски за идејата ,,12 врвови”.
Додека одев по патот, си размислував колку километри имам поминато низ нашата земја и колку предели, планини, села, мостови, манастири и џамии имам поминато во овие наши прошетки. А потоа помислив и на луѓето кои ги среќавав по патот, кои ми станаа другари од првото ,,Здраво” и кои кога и да ги видам чувствувам радост и среќа, зашто ме потсетуваат на најсреќните и најбезгрижни денови. Ве сакам и ви благодарам на сите.