петок, 2. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Мицевски: Пораката на народот не е смена на неколку министри, туку оставка на целата влада

Мицевски: Пораката на народот не е смена на неколку министри, туку оставка на целата влада

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија на денешната собраниска седница за реконструкција на владата изјави дека пораката која граѓаните ја испратија до власта, не е смена на неколку министри туку оставка на целата влада и нови предвремени парламентарни избори.

-Пораката која граѓаните му ја пратија на претседателските избори и на референдумот на Зоран Заев, е дека сакаат да си заминете од власт.  Не дека сакаат да се сменат неколку министри, не дека сакаат Зоран Заев да остане премиер, туку дека сакаат да си замине од власт.  Пораката беше јасна, неуспешен референдум и катастрофален резултат на вашата партија на изборите, истакна Мицевски.

Тој потенцираше дека Зоран Заев својата неспособност се обидува да ја прикрие со тоа што ќе жртвува само мал дел од неуспешните соработници, додека најнеспособните полни со скандали околу себе остануваат  да и прават штета на државата.

-Поголемиот дел кој што покажа дека нема минимум капацитет за водење на институциите останаа и понатаму да раководат со институциите и да прават штета на државата.  Останаа клучните министри задолжени за тендери и за скандали, изјави  Мицевски.

Мицевски посочи дека со оваа реконструкција не се менува  Оливер Спасовски чија работа е проследена со нерешени убиства и насилства, противзаконско апсење пратеници и прислушкување, не се менува ни  Анѓушев кој реди скандали со неговите фирми, ни Шекеринска која се луксузира додека војниците носат скинати униформи  и чизми, како и Венко Филипче, Дескоска и Сугаревски, Мила Царовска и Димитров кои имаат повеќе скандали отколку проекти во нивната работа.

-Кога веќе сте се решиле да жртвувате и да смените дел од вашите соработници, сте требале да се потрудите барем овие новите да бидат адекватни за позициите. Од предложените кандидати може слободно да се заклучи дека станува збор за крпени- коалициони решенија, на штета на државата и граѓаните, изјави Мицевски.

Тој нагласи дека во земјоделието ќе остане хаосот затоа што новиот министер е продолжена рака на Љупчо Николовски, додека пак недозволиво е доктор да ја води културата, додека пак Заев за да ги задоволи коалиционите желби, му додели на  Горан Милевски ресор, а најнеуспешниот министер за животна средина Садула Дураки го награди со нов ресор.

-Ова зборува дека вие не планирате да почнете да работите, туку на секој начин пробувате да останете на власт.  На Влада која што е пред распаѓање не и треба реконструкција. Сите се свесни дека оваа влада ќе падне, дури и вашите министри кои што разочарано решија  да си дадат оставки и да го напуштат бродот кој што тоне,  истакна Мицевски.

На крајот од своето обраќање координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски го  повика премиерот Зоран Заев да распише предвремени парламентарни избори согласно пржинскиот модел и граѓаните да се изјаснат дали се привидна реконструкција или нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Најнови вести