Денеска во Петровец беа пуштени две ново асфалтирани улици, станува збор за улиците 3 и 5 кои се со вкупна должина од 830 метри и ширина од пет и половина метри.
Од двете страни на двете улици има и пешачки патеки, а официјалното пуштање во употреба го направија градоначалникот на општината Борче Митевски, Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, како и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
-Улиците имаат и подводна канализациона мрежа како и атмосферска мрежа и се што бараа овие жители од општината таа им излезе во пресрет. Парите се обезбедени од Европска Унија и ИПАРД програмата во висина од 260 илјади евра и општина Петровец учествуваше со средства во висина од 30 илјади евра за поставување на канализациона мрежа, вели Митевски.
Тој додава дека тоа што го барале жителите пред една година сега е реализирано и овие улици кои се правени пред 27 години сега се реконструирани.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека ова денеска е прекрасен момент каде се гледа како се вложува во иднината и развојот на една општина како што е Петровец.
-Градоначалникот на општина Петровец е пример кој што треба да го следат и сите оние други неуспешни градоначалници коишто се во Република Македонија се разбира. Денеска жителите на овие населени места во општина Петровец добија навистина пристојни услови за функционирање, услови коишто се навистина идеални, се разбира идеалното колку што може да се биде во денешно време во Република Македонија, рече Мицкоски.
Тој додава дека Средствата кои што се обезбедени како што кажа и градоначалникот, се обезбедени од ИП фондовите и истите се наменски искористени за овие проекти на кои што денеска присуствуваме.
-Јас би посакал и во иднина на истите оние градоначалници кои што денеска гледаме како му слугуваат на деспотот Заев да го следат овој пример и конечно наместо мудрување и правење работи кои што навистина повеќе личат на реално шоу отколку на вистинско работење на градоначалник, да го следат примерот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и така да продолжат да работат, да инвестираат во развојот на нивните општини, а на тој начин ќе инвестираат и во развојот на Република Македонија, потенцираше Мицкоски.