Новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави, Кејт Мери Брнс ќе му ги предаде акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.
Кејт Мери Брнс е дипломат веќе 26 години. Како амбасадор во земјава доаѓа по нејзината функција заменик шеф на мисијата на САД во Атина. Претходно беше постојан претставник на мисијата на САД на ОБСЕ во Виена.
За време на сослушувањето во сенатот, Брнс кажа дека работата на амбасадата ќе се фокусира на три области: ќе промовира стабилност низ силни институции, ќе работи на зајакнување на безбедноста преку партнерство и ќе работи на поттикнување на просперитетот преку позитивно влијание.
Нејзиниот претходник беше Џес Бејли кој си замина од функцијата во февруари оваа година.