Серија таинствени пораки на Фејсбук го запалија алармот во јавноста дека од понеделник МВР и Владата планираат серија апсења, пишува Експрес.
Причина за загриженоста дека власта може да влезе во процес на приведувања за да ја дефокусира јавноста од аферите Рекет, Дудуш и Леонардо е шефот управата во МВР задолжена за борба со тероризам, Јовче Ременски.
Ременски кој е сопруг на потпретседателката на Собранието Фросина Ременска во моментов е началник на Управата за заштита од тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија.
Началникот Ременски објавува пораки на Фејсбук кои асоцираат дека Владата најавува апсења од понеделник.
Во првата порака Ременски вели:
“Има варијабли, константи и хипотези, од понеделник ќе биде интересно”, напиша началникот со потпис – Ременски.
Веднаш по првата порака тој дава дообјаснување:
“Да не останам недокажан, борбата продолжува и тоа на две нозе со сиот демократски капацитет на располагање со сета жестина и без пренамагање”.
Во коментар на една од пораките тој потврдува дека ќе има и “Џандар збира” што во полициски сленг најдиректно значи дека ќе има апсења.
Што значи најавата дека државата ќе употреби “жестина и без пренемагање”, шефот на македонскиот антитероризам допрва ќе треба да открие пред јавноста.
Сопругата на првиот македонски антитерорист која е петта по ранг македонски функционер вчера не беше повторно избрана за потпретседател на владеачката СДСМ.
Досега во демократската историја на европските полиции не се случило шеф на Антитероризам во некоја држава јавно да објавува пораки во кои асоцира на апсења.