Одбраната во предметот на СЈО „Општина Центар“ бара од судот да донесе решение со кое ќе ја одложи денешната главна расправа, бидејќи во овој предмет, а и во другите на СЈО, не постои овластен тужител.
Според адвокатот Димитар Дангов додека специјалната обвинителка Катица Јанева се наоѓа во притвор, СЈО не може да го застапува овој предмет, а уште помалку обвинителите кои денеска се во судницата- Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
-Со сета почит до обвинителите кои денеска се тука, но постои правна ситуација која преставува пречка за продолжување на овој предмет, а и на сите останати предмети на СЈО. Општо познато е дека Катица Јанева е во притвор определен од овој суд а по предлог на Ј.О за организиран криминал и корупција за предметот “Рекет”. Општо познато е дека решението мерка притвор е според чл. 165 став 1 точка 1,2 и 3 од ЗКП. Тоа значи дека постои страв дека обвинителката Јанева може да го повтори кривичното дело. Тој страв е оправдан, па државата одлучила да ја спроведе во притвор. Според законот за СЈО само Катица Јанева е овластена и има надлежност да ги застапува предметите. Ако во моментов Јанева неможе да ги застапува предметите, тогаш уште помалку можат Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, рече Дангов.