Специјалното јавно обвинителство преку соопштение се огласи по натписите во медиумите дека притворената обвинителка Катица Јанева дала наредба сите истраги на СЈО да се префрлат во ЈО.
Од СЈО информираат дека во текот на вчерашниот ден до нив од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномошно кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставила до СЈО.
-Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага. Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден ќе биде испратен допис до Јавното обвнителство на РСМ со цел запознавање на Јавниот обвинител на РСМ со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување, се наведува во соопштението од СЈО.